Во холандскиот град Леуварден почна со работа 63. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), на кој учествува и македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана.
Пред официјалниот почеток на Конгресот отворен беше саем на кој претставниците на малцинствата од Европа, на свои штандови претствија дел од традиционлани производи, како и пропаганден материјал.
– Нашето друштво за првпат има свој штанд. Скромен е, но побуди голем интерес. Имаме изложено производи кои Македонците во Албанија ги произведуваат, ајвар, ракија, вино, колачиња, кои ги прават нашите жени за одбележување на слава, тиганици (мекици). Исто така имаме пропаганден материјал на кој се претставени македонскиите носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник на македонски јазик „Илинден“, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“ и учесник на Конгресот.
Покрај другото на Конгресот се очекува да биде усвоена Резолуција за правата на Македонците во Албанија, предложена од друштвото „Илинден“, кое е единствено друштво што ги претставува Македонците од дијаспората на овој собир.
Конгресот што го организира Советот на Фризиското движење, организација, членка на ФУЕН, ќе трае до 24 јуни а учествуваат 250 претставници од 90 друштва на малцинства од 32 земји во Европа.
Македонско друштво „Илинден” рамноправен член на ФУЕН е од средината на мај 2015 година.