Стефан Богоев држеше вонредни прес конференции објавувајќи дека царината запленила хартии од вредност во вредност од 92 милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Но денеска, после само три дена од прес конференцијата на Богоев, медиумите објавија дека истите немаат никаква вредност бидејќи биле со истечен рок, а сопственикот на истите бил починат.
Всушност медиумите открија дека обврзниците за кои Богоев правеше пиар имаат вредност на тоалетна хартија.
Хартиите од вредност како акции, обврзници, записи се дематеријализирани, односно се во електронска форма. А тоа кај нас е сторено уште во 2001 година со формирањето на Централниот депозитар, така што сите видови на хартии од вредност сите се во електронска форма.
Ова само покажува аматеризам и неспособност од страна на Богоев.
Му порачуваме на Богоев наместо да држи прес конференции со кои се фали дека открил некаков криминал, енергијата да ја насочи кон работење бидејќи е платен од народни пари, истакнуваат од партијата.
Претходно, Телма објави според извори од истрагата, обврзниците кои царината ги заплени кај турски државјанин на скопскиот аеродром не вредат 92 милиони долари бидејќи се со истечен рок и нивниот сопственик е починат.
Станува збор за корпоративни обврзници на компанија регистрирана во една од омилените оф шор дестинации- Бахамите, а нивниот сопственик починал уште во 2015 година. Тие не котираат на ниту една берза и се безвредни.