Речиси половина од населението смета дека Македонија се справува со корона вирусот полошо од земјите во регионот, покажа истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС). 40 отсто од испитаниците, пак, сметаат дека брзите избори не се потребни сега. Истражувањето, во кое граѓаните ги изразуваа своите ставови за состојбите со коронавирусот и за предвремените парламентарни избори, беше спроведено во периодот помеѓу 2 и 5 јуни 2020 на 1.100 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.
Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата, напоменуваат од ИПИС.
Од таму додаваат дека истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и регионалната застапеност, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.
Во прилог се компаративните резултати од истражувањето во април и јуни во однос на справување со коронавирсусот и јавното мислење на граѓаните за периодот на спроведување на предвремени парламентарни избори.