Компири, пиперки, домати, зелка и кромид, јунешко, свинско и пилешко месо, лубеници, јаболка и банани, се производите што доминираат на трпезата кај едно просечно македонско семејство.
Од месните преработки најмногу купуваме свински колбаси, посебна салама, шунка и виршли, а кога сакаме да јадеме риба, предност му даваме на осличот.
Кога станува збор за пијалаците, пак, на прво место се пивото и кафето, газираните сокови и минералната вода.
Значителна е потрошувачката и на млечни производи, најмногу млеко (посебно во тетрапак), јогурт и сирење, а не е за потценување ниту употребата на зејтин, кечап, сол и шеќер.
Според последната анкета на Државниот завод за статистика, едно домаќинство во просек купува 15,2 килограма сол годишно, а шеќер двојно повеќе или 38 килограми. На мед и мармалад отпаѓаат по 2,3 килограми, на тетрапак млеко 97,7 литри, на јогурт 51 килограм, на сирење 21,9, на кисело млеко 17,7, на урда 11,3, на кашкавал 10,7, на кисела павлака 5,8, додека на зејтин 52,1 литар.
Ајвар се купува реалтивно малку, 1,1 килограм годишно, а јајца во просек 646. На млечно чоколадо отпаѓаат 4,2 килограми, на сладолед 3,4, на бонбони 1,2, на локум еден килограм, додека на таан-алва 600 грама.
Домаќинствата во просек трошат по 10,9 килограми кечап годишно, 6,8 килограми мајонез, а чипс и готови јадења по 1,1 килограм.
Од овошје, кошничката најмногу ја полниме со лубеници, во просек по 48,8 килограми годишно, со 39,5 килограми јаболка, банани 26,3 килограми, портокали 24,6, грозје 17,6, праски 13, лимони 7,9, кикиритки купуваме четири килограми, сливи 3,2, цреши и круши по 2,7 килограми, кајсии 2,3, киви и јагоди по два килограма, костени 0,9, семки, излупени ореви и суви смокви по 0,6, ореви во лушпа 0,4, суви сливи 0,3, суво грозје и лешници 0,2, замрзнато овошје 0,1 килограм.
Во табелата за зеленчукот стои дека највеќе пазариме компири, 103,1 килограм, потоа пиперки 65,4, домати 49,8, зелка 37,5, кромид 28.9, краставици 26,7, грав 21,6, морков 11,8, спанаќ седум килограми, маслинки 6,1, модри домати шест килограми, праз 5,2, зелена салата 4,9, боранија 4,6, леќа 4,2, тиквички 3,7, цвекло 3,5, конзервиран грашок 3,1, тиква 2,9, конзервирани печурки 2,3, конзервирани краставички 1,8, карфиол 1,7, замрзната боранија 1,4, свежи печурки, брокула и замрзната пченка по 1,3 килограми, лук 1,2, магданос 0,6 и замрзнат помфрит 0,3 килограми.
Количината на пилешко месо во 2017 година достигнала просечни 80 килограми по домаќинство, на јунешко и телешко по 25,6, а на свинско 22,1 килограм. Јагнешко се јаде најмалку, 1,8 килограм по семејство, а месни преработки 40,1 килограм. Од преработките доминираат свински колбаси со купени 9,4 килограми во просек на годишно ниво, посебна салама со 6,4, шунка со пет, виршли 4,8, паштета 3,3 и чаен колбас 2,9.
На туна отпаѓаат 1,6 килограми, на свежа пастрмка 1,4, на црвеноперка 1,2, на свеж крап 0,5, а на морска храна минимални 0,1 килограм.
Кафе пиеме во просек по 8,3 килограми годишно, чај 1,4 литри, какао 0,7 килограми, газирани сокови 96,7 литри, минерална вода 83,7, а кашест овошен сок по 23,1 литар.
Од алкохолот, во домаќинствата доминира пивото со 40,4 литри, додека виното е застапено со 6,3 литри, а природната ракија со 1,9 литри. Ликер речиси воопшто не се купува, а вотка и шток по само 100 грама во просек по семејство.
Просекот за цигарите е 153 кутии годишно по домаќинство.