Политичарите и државните функционери ја очекуваат зголемената плата, според одлуката на Уставен суд, а синдикатите најавуваат „протестна скара“ за 1 Мај пред Владата.
Ова следува откако работниците од јавниот сектор не го добија усогласувањето со минималната плата за годинава.
– Законот за плати во јавната администрација, моментално е ставен во фиока и за него не се дискутира и не се помислува на некаква јавна расправа. Кога ќе се донесе не се знае бидејќи е дел од една операција на Владата со која се сака да се изманипулираат работниците од јавниот сектор и оваа година, ниту да добијат усогласени со минималната плата, ниту пак да добијат некакво покачување. Сега се актуелни колективните договори, но по некое време и тие ќе се стават ад акта и ќе се разговара за измени на законот за работни односи, па за новиот закон за работни односи и повторно за законот за плати. Така во круг за да не се заврши ниту еден од нив и работниците да ги добијат платите и правата, вели претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски.
Според Ралповски оваа маневарска операција на владата е да не им се покачат платите на работниците и што подолго функционерите да ги земаат сега зголемените плати.
– Од ветеното ланско зголемување на платите за здравството ништо не е добиено, нема усогласување на платите во образованието со минималната плата, а полицијата доби само зголемување од 5 отсто. Кај дел од јавната администрација има линеарно усогласување на платите со минималната од 2.000 денари, но тоа се само 12.000 работници. Другите ќе чекаат закони, колективни договори и пак закони со кои им се намалуваат правата со работна недела од 60 часови, вели Ралповски.
Тој додава дека кршењето на работничките права и платите се повод за протестот за 1 Мај пред Владата кој ќе се организира со слоган: На скара пред влада – за работниците ќебап, а за владата бифтек.