На крајот на состанокот во Овалната канцеларија лани во август, посветен за воведување санкции спрема Венецуела, претседателот Доналд Трамп во еден момент поставил неочекувано прашање: Ако се знае дека Венецуела е закана за регоналната безбедност, зошто едноставно САД не извршат инвазија на проблематичната земја?
На овој предлог, како што објави британски Ескперс вчера, сите што биле присутни на состанокот се зачудиле, меѓу нив и поранешниот државен секретар Рекс Тилерсон и исто така екс советникот за национлна безбедност, Х.Р. МекМастер.
Веќе наредниот ден, на 11 август, Трамп ги алармирал пријателите и противниците за разговорите за „воена опција“ за тргање на Мадуро од власт.
Што се случувало потоа во Овалната канцеларија? Од протечените информации се дознава дека МекМастер и другите почнале да му објаснуваат на претседателот дека воената акција може да има контраефект, да се врати како бумеранг и дека се ризикува тешко стекнатата поддршка од владите во Латинска Америка со тоа што ќе се казни претседателот Николас Мадуро, рекол американски официјален претставник кој сакал да остане анонимен.
Меѓутоа Трамп не се откажувал од идеата и како пример ги посочил претходните случаи на успешна „пиштолџиска“дипломатија, како во Панама и на Гренада во 80-тите години на минатиот век. Дека сето тоа не биле празни разговори, се покажува со информацијата дека за тој план Трамп се консултирал со колумбискиот колега Хуан Мануел Сантос. Ова е потврдено и од колумбиска страна.
Потоа во септември, на маргините на Генералното собрание на ОН Трамп за ова разговарал со четворица лидери на латиноамерикански сојузници, меѓу нив и Сантос. На тој состанок Трамп им рекол на соговорниците: „Моите соработници ми рекоа за ова да не разговарам“. На директното прашање дали се за тој план, тие му рекле отворено дека не се за воена опција.
Претставник на Белата куќа одбил да коментира приватни разговори. Но, портпаролот на Советот за национална безбедност изјавил дека САД ќе ги разгледаат сите опции што им стојат на располагање за да помогнат да се врати демократијата во Венецуела и да донесат стабилност.