Наставниците од Самостојниот синдикат за образование и наука преку протест пред Владата побараа зголемување на платите во образованието и итно спроведување на Колективниот договор. Наставниците порачаа дека ќе ги користат сите облици и можности нивната плата да се зголеми и да не биде еднаква на минималната кој изнесува 18 илјади денари.
Поради ниските плати, наставниците велат дека биле принудени да бараат и втора работа за да ги покријат дневните трошоци.
„Мислам дека платата на наставникот треба да биде околу 40 илјади денари и на тој начин наставниците ќе имаат поголема мотивација за работа, бидејќи во оваа ситуација секој наставник е должен освен работата во образованието, да си бара и друга работа, затоа што навистина не можете да се снајдете со овие покачувања, со овие промени на цените не може да се излезе на крај со плата од образованието. Кога сето ова само по себе ќе се подобри, состојбата со наставата во нашите училишта ќе биде подобра“, Учител
„Единствено ние во образованието кои знаеме да ги учиме другите, всушност ние не знаеме за себе и за нашите деца. Не знаеме да си ја цениме потта, работата и професијата. Прифативме да нè деградираат, да нè заплашуваат, да ни се закануваат со различни форми и тоа од политичката позиција и политичката класа кои ги храниме, гласаме, ги поддржуваме“, Учител
СОНК пред неколку дена најави дека нема да попушти во преговорите со Владата за зголемување на платите во образованието. Бараат платата да порасне за 18% веќе со примањата за март.
Инаку, заедно со вработените во образованието, протестираа и претставници на полицискиот синдикат и независниот синдикат на полицијата. Според нив, платата од 400 евра за полицајците е срамна и демотивирачка.
/Алсат.мк