Илјадници здравствени работници вчера излегоа на улиците на шпанските градови за да изразат несогласување со идејата за приватизација на јавното здравство и побараа подобри услови за работа. Тие воедно им оддадоа почит на колегите кои починаа од коронавирус поради недоволна заштитна опрема.

Во бели мантили, со маски на лицето и одржување на растојание од метар и пол, демонстрантите се собраа на главниот плоштад во Мадрид, Пуерта дел Сол.

– Државната администрација нè потценува и понижува, рече Џулијан Езкера, претседател на синдикатот на лекарите во Мадрид. Во Барселона стотици во бели мантили излегоа на улиците на повикот на платформата „бела плима“, собирајќи се пред зградата на регионалната каталонска влада. Тие побараа повисоки плати, подобри услови за работа и се спротивставија на препуштање на здравствените услуги на надворешни приватни компании. Тие предупредија  дека кризата со коронавирус го направи јавниот здравствен систем уште покревок.

Во Шпанија секој петти пациент, заразен со коронавирус, е здравствен работник.