Претседателот на Независниот синдикат на шумската полиција, Гоце Делчев Тодев, денеска на протестниот марш на шумските полицијаци, истакна дека ветувањата кои ги добиле од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходните протести, не се исполнети, посочувајќи дека дополнително им е укинато и плаќањето на прекувремените работни часови.
Нагласи дека предложениот колективен договор, со кој се бара шумските полицајци да добијат 30 проценти на овластување, нови униформи, кои ги немаат добиено 11 години, зголемена безбедност и подобрување на условите за работа, се уште не е ставен на дневен ред.
Демонстрантите се жалеа дека МЗШВ нема слух за нивните барања, оквалификувајќи ги условите во кои работата како „катастрофални“.
Наведоа дека постојано се изложени на ризик поради, како што рекоа, „криминалните банди“ кои ги сечат дрвјата.
При протестот, демонстрантите пуштија снимка на која се слушаат критикувањата и ветувањата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во 2016 година, во тоа време технички министер.
Николовски, во 2016 година нагласува дека, Груевски ја довел шумската полиција во колапс, наведувајќи дека има информации за алармантно лошата состојба на шумската полиција.
Бара итно да се формира работна група од неколку министри за да изнајдат решенија за статусот и проблемите на шумските полицајци, констатирајќи дека работата на шумската полиција е во колапс.
Трајан Димковски, раководител на сектор за рурален развој при МЗШВ, наведе дека досега се остварени повеќе средби со претставници на Назависниот синдикат на шумската полиција со цел да се донесе заедничко решение за колективниот договор.
Посочи дека, веќе им се дадени нови компјутери, како и оти по завршувањето на изборниот процес ќе се продолжи процедурата за донесување на колективен договор за шумската полиција и дека за некој месец шумските полицајци ќе добијат нови униформи.
Димковски, на прашањето во однос на тоа кои се несогласувањата во текстот на колективниот договор и што треба да се промени со цел да биде донесен, не даде концизен одоговор, посочувајќи дека најголемиот проблем е создаден околу тоа кој да го потпише договор, како и дека Независниот синдикат на шумската полиција и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), треба да се договорат.
На новинарското прашање, зошто им е укинато плаќањето на прекувремени работни часови, тој одговори дека, неместо пари, за прекувремените часови шумските полицајци сега добиваат слободни денови.
Независниот синдикат на шумската полиција, во кој од 412 вработени, членуваат 362 шумски полицајци, седми пат по ред одржува протест за подобрување на условите на шумската полиција.