Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе го прослави Меѓународниот ден на трудот со синдикален марш со кој ќе побара унапредување на работничките права.

Одлуката со марш да се одбележи 1 Мај, како што попладнево изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски, е донесена едногласно на денешната седница на Советот на ССМ.

– По предлог на ССМ е отворен Законот за работни односи и можам оптимистички да кажам дека 70 проценти од членовите се усогласени со нашите партнери – Организацијата на работодавачи и Владата. Отворен е и Општиот колективен договор за приватниот сектор, но тука сум песимист. Сепак, верувам дека ќе наидеме на разбирање и ќе го потпишеме овој договор, рече Димовски на прес-конференција.

Маршот ќе почне од пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Владата каде ќе биде прочитан првомајски манифест со кој ќе се побара брзо решавање на сите нерешени работи од Законот за работни односи и Општиот колективен договор.

Од ССМ ги повикаа граѓаните и останатите синдикати да се приклучат на маршот и заеднички да се изборат за подобрување на работничките права.

– Исто така, повикувам 1 Мај да биде ден на трудот, а не ден на некои политички партии кои преку работникот сакаат да остварат нивни цели и да го злоупотребат работникот. Први Мај мора да остане ден на трудот. Да ја тргнеме политиката од тој ден и да застанеме зад подобрувањето на работничките права, порача Димовски.