Протестите на гневните приврзаници на убиениот претседател на Хаити, Жовенел Моиз (1967-2021), врз кого беше извршен атентат на 7 јули, продолжија втор ден по ред, додека работниците синоќа работеа да ја завршат импровизираната сцена за неговиот погреб кој ќе се одржи денеска.
По неговата смрт, се случи политичка криза во карипската земја, која се бори со сиромаштија и беззаконие.
Носејќи чекани, крампови и лопати, работниците се трудеа да постават сцени, светла и да асфалтираат пат до мавзолејот на Моиз на парцела од неколку хектари во северниот град Кап-Хаитиен.
На други локации во градот, демонстрантите синоќа палеа гуми за да ги блокираат патиштата.
Странски официјални претставници пристигнаа во Кап-Хаитиен да се збогуваат со Моиз.
Убиениот претседател на Хаити не успеа да ги спречи бандите, а додека беше на функција се соочи со улични протести поради обвинувања за корупција и начинот на кој ја води економијата.
Демонстрантите во Кап-Хаитиен го изразија незадоволството за многу прашања кои останаа неодговорени по атентатот врз Моиз, за кој Владата на Хаити тврди дека го извршиле главно колумбиски платеници.