Идните американски инвестиции во Полска би можеле да бидат загрозени доколку таа земја не ја обнови лиценцата на 24-часовниот информативен канал ТВН24.

Тоа го изјави советникот на Стејт департментот, Дерек Колет, осврнувајќи се на потенцијалните нови полски закони против сопственоста на американската медиумска компанија „Дискавери Инк“. Телевизијата е во процес на обновување на својата лиценца, но владејачката партија Право и правда (ПиС) планира измени во законот кои можат да го принуди Дискавери да го продаде својот мнозински удел, објавија американските медиуми.

Националниот совет за радиодифузија (KRRiT) гласаше за обновување на лиценцата на ТВН24, која истекува на 26 септември, но резултатите не се конечни.

-Тоа е многу значајна американска инвестиција овде во Полска. И може да има негативни ефекти за идните американски инвестиции, доколку не се обнови лиценцата, истакна Колет во интервју за ТВН24.Тој додаде дека ова прашање го покренал за време на состанокот со полските власти.

ТВН, чија вредност се проценува на над една милијарда долари, е најголемата американска инвестиција во Полска. Пратениците на ПиС овој месец поднесоа до Парламентот измени и дополнувања на Законот за радиодифузија за да се ограничат компаниите надвор од Европскиот економски простор да контролираат полски радио и телевизиски станици. Предложените измени ги поттикнаа тензиите меѓу Полска и САД и предизвикаа нови критики од полските опозициски групи дека ПиС сака да ја ограничи слободата на медиумите.