На синоќешниот протест, трет по ред, за убиството на 25-годишниот Клодјан Раша од страна на полицаец, на кој имаше насилно однесување на демонстрантите, приведени се повеќе од 150 лица. Дел од нив се ослободени, додека 100 остануваат во притвор, јави дописничката на МИА од Тирана.
Меѓу приведените бил и главниот и одговорен уредник на весникот „Коха јон“, кого припадниците на специјалната полициска единица, според сопственикот на весникот Никол Леси, со употреба на сила го земале од улицата пред редакцијата.
– Специјалните полициски сили со употреба на сила го земале од улицата пред редакција. Зборував со директорот на државната полиција Арди Велиу кој ми рече дека станувало збор за грешка и го пуштија, рече Леси.
Познатиот рапер Стреси (Аркимед Лушај), како организатор на протестите, по кој трага полицијата, се јави од Косово, потврдувајќи дека од Тирана излегол со погребално возило.
– Беше многу тешко да се излезе од толпата, а уште потешко да се спасам од полицијата. Застанавме на едно место, влеговме во кафуле, кога видовме дека демонстрантите се упатуваат кон Управата на полицијата, тогаш знаевме дека полициските сили ќе се упатат таму. Му се јавивме на еден другар кој работи во погребално претпријатие, само за да излезам од протестот. Со погребалното возило отидовме до Лач, а од тука право во Косово. Ги поздравувам сите момчиња што ме донесоа во Косово, вели тој.
Стреси вчера се јави со заканувачка порака на социјалните мрежи дека Тирана ќе гори доколку до утре не поднесе оставка и генералниот директор на полицијата. По неколку часа ја отстрани пораката. в