Мирно и без инциденти беше во текот на ноќта и утрово во центарот на Белград пред српскиот Парламент каде што од синоќа реагираа стотици полицајци во опрема за разбивање демонстрации со обиди да спречат директно конфронтирање на голем број противници и поддржувачи на властите.
Во Белград, стотици луѓе се собраа синоќа пред Собранието за да ја поддржат Дијана Хрка, која штрајкува со глад од вчера во 11:52 часот барајќи одговорност за смртта на нејзиниот син Стефан и уште 15 лица кои беа жртви од уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември лани.
Српската полиција во текот на ноќта соопшти дека се приведени 37 луѓе поради нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред Собранието.
„Припадници на Министерството за внатрешни работи идентификуваа и доведоа во службените простории 37 лица, кои учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти за време на ненајавен јавен собир, претходната вечер, пред Народното собрание на Република Србија“, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија. Полицијата интензивно работи на идентификување и пронаоѓање други учесници кои „со своите постапки ја загрозиле безбедноста на граѓаните и јавниот имот“.
На социјалните мрежи беше објавено видео од приведувањето на поранешниот српски кошаркар Владимир Штимац, а државните медиуми јавија дека тој е приведен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград затоа што поттикнувал насилство пред Собранието.
Пред Собранието утрово може да се видат значително помалку поддржувачи на владата во заштитената, оградена шаторска населба пред Домот на Народното собрание, од каде што од звучници во текот на ноќта одекнуваа патриотски песни и народна музика.Граѓаните кои ја поддржуваат Хрка сметаа дека музиката од шаторската населба на поддржувачите на владата е намерно пуштена заради провокација.
Во текот на вечерта имаше размена на навреди меѓу двете групи и фрлање пиротехнички средства, шишиња и камења.
Граѓаните се собраа за да и дадат поддршка и заштита на Дијана Хрка, мајката на едно од 16-те лица кои загинаа пред една година од падот на бетонската настрешница на влезот во железничката станица во Нови Сад, која започна штрајк со глад напладне во недела во близина на Домот на Народното собрание.
Нејзините барања се да се осудат одговорните за таа трагедија, да се ослободат уапсените студенти кои протестираа за трагедијата и да се распишат избори во Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави во текот на ноќта за белградски медиуми дека инцидентите пред српскиот Парламент биле очекувани.
„Вечерва, тие брутално се обидоа да го нападнат симболот на слободата, Пионирски парк, Ќациленд, мал остров во срцето на Европа каде што се негува слободата, борбата против окупаторите, каде што се спротивставуваат на оние кои мислеа дека се најсилни. Тие беа нападнати од блокадери кои се нервозни и хистерични поради вчерашниот настан“, рече Вучиќ. Тој ноќеска изјави дека обвинувањата дека ги предизвикал синоќешните инциденти и насилство пред српскиот Парламент се лага.
Во центарот на Белград на местото меѓу претседателскиот комплекс и Собранието од март е поставен камп на поддржувачи на властите и таа затворена зона, медиумите во Србија колоквијално ја нарекуваат „Ќациленд“. Оттогаш таму се распоредени секојдневно полицајци и забранет е сообраќајот на улицата меѓу паркот и Собранието. Во минатиот месец таму се случи инцидент кога дојде до пукање при што беше повредено едно лица и запалени неколку од шаторите
Министерството за внатрешни работи на Србија и Безбедносно-информативната агенција во заедничка изјава синоќа објавија „процесуирање на лицата кои предизвикаа инциденти и ги нападнаа учесниците на пријавениот јавен собир“ – во Пионирски парк и пред Домот на Народното собрание, каде што поддржувачите на владата се наоѓаат со месеци.
Тие напишаа дека „организирана група учесници на непријавен собир“ – граѓани кои ја поддржуваат Хрка, „нападнале граѓани кои биле на пријавен јавен собир во Пионирски парк фрлајќи разни предмети и пиротехнички средства во правец на насобраните“.
Собирања во поддршка на Дијана Хрка се одржаа во неделата во Нови Сад, Суботица, Бачка Топола, Лесковац, Ниш, Чачак.
Синоќешните тензиите во Белград се зголемија само еден ден откако илјадници луѓе присуствуваа на големиот комеморативен собир во Нови Сад, каде мирно ја одбележаа првата годишнина од катастрофата на железничката станица во која загинаа 16 лица, и од ноември лани – почнаа движење предводено од студенти кое бара одговорност за несреќата и политички промени.Во текот на денот, на собирот, на кој според проценките на неформалната организација „Архив на јавни собири“, присуствувале околу 110.000 луѓе, не беше регистриран ниту еден инцидент.Според полицијата, на собирот присуствувале 39.000 луѓе.
Претставници на опозициски партии ноќеска објавија дека полицијата не им дозволувала да влезат во зградата на српскиот Парламент.
Граѓани рекоа дека нема да ја остават Дијана Хрка сама и дека постојано ќе бидат со неа. Според српски медиуми во Белград има голем број луѓе кои се дојдени од други градови за да и дадат поддршка на мајката на момчето кое е едно од загинатите во падот на бетонската настрешница лани на железничката станица во Нови Сад.
Студентите во блокада објавија ноќеска дека Хрка „не смее да остане сама“.
„Веруваме дека во овој момент најважно е таа да биде на безбедно. Доколку сепак одлучи да остане, важно е да има луѓе на кои им верува, за да има соодветна поддршка.Ние стоиме зад сите што одговорија со добра волја. Остануваме верни на ненасилните методи на нашата борба и ненасилството како основна вредност на нашето движење“, напишаа студентите во блокада.
Хрка ноќеска изјави дека нема да се откаже од штрајкувањењто со глад додека не бидат исполнети сите нејзини барања.
Се повлекоа од пред платото пред Собранието и поддржувачите на властите, но не се знае дали се во шаторите, јавија српски медиуми.
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка,(роден 1997) кој загина во падот на бетонската настрешница од денеска штрајкува со глад пред српскиот Парламент во Белград. Таа се одлучила за тој облик на протест „барајќи правда и одговор за тоа кој го уби нејзиниот син и уште 15 лица во трагедијата во Нови Сад пред една година“.




