Под мотото „Слобода, правда и демократија – Стоп на монтираните случаи“ почна денешниот протест на членови на семејствата и поддржувачи на казнетите во, според нив, судските монтирани случаи „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други судски случаи, известува ТВ 21.
Протестот почна од паркот во Чаир и учесниците во протестот продолжија да маршираат маршираат кон судовите, а планирано беше протестот да заврши пред Влада, каде се очекуваа и изјави за медиумите. Но полицијата не им дозволи на учесниците на протестот да се упатат кон судовите и тие своите изјави почнаа да ги даваат пред Мавровка.
Учесниците на протестите почнаа да фрлаат со камења и други предмети кон припадниците на полицијата.
Протестот е поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.
За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, откако обвинителката Љиљана Спасовска го повлече обвинението зашто не сакала „да живее во мрак“ по тврдењата на Зоран Заев дека во снимките има нова вистина за Монструм. Таа нова вистина не се појави, но досега никој не сносел одогворност за фарсата со обновување на постапката.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гoдина го презеде криминалното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО со скандалот со писмото на Катица Јанева од Шутка до Јовески ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.