Вработените во управата и правосудството денеска и утре нема да работат од 10 до 12 часот. Причина за прекинот на работата се барањата за исплата на минимална плата и линеарно зголемување на останатите плати за 2.806 денари.
Според најавите на Синдикатот на управата, правосудството и здруженија на граѓани (УПОЗ), ќе се протестира во сите оние институции каде имаат синдикални организации, како што се министерства, агенции, фондови, управи и судови.
Од Синдикатот велат дека во 95 проценти од институциите не се исплаќа минимална плата, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат минималната плата, а дел што веќе ја исплатиле направиле грешки и исплатиле само минимална плата без вклучен стаж.
Досега не добиле покана од Владата за преговори, а притисокот од членството е голем и се бара прекинот на работата да продолжи.
Поддршка вчера добија од Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму побараа да не се тактизира со усогласувањето на останатите плати со минималната плата. Доколку се тактизира, како што посочија, следните чекори што ќе бидат преземени, ќе бидат чисто работнички и синдикални за изразување на работничкото незадоволството, за што одлука ќе биде донесена в петок на седница на Претседателството и Советот на ССМ.