На седницата на Извршниот комитет кој се одржа вчера во Битола, донесена е одлука за продолжување на протестите за спречување на националниот срам кој и се подготвува на Македонија од страна на Зоран Заев и неговите соработници, соопшти Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев е таткото на спорот со Бугарија. Иако ја убедуваше македонската јавност дека со потпишувањето на спорниот договор повеќе немаме отворени прашања со соседите, очигледно е дека се отворија нови и досега неоспорувани теми. Република Македонија е блокирана.
Протестите продолжуваат затоа што Заев и Бујар Османи кријат за што се преговара и што се’ се подготвени да прифатат од бугарската декларација.
Го повикуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже на македонската јавност документот кој го преговараат со Зоран Заев. Доколку во истиот не се задира во македонскиот јазик, идентитет и историја, тогаш зошто Заев и Османи го кријат овој документ?, порача Андоновски.
Протестите „Излези за Македонија“ продолжуваат во понеделник, 14 јуни, пред зградата на Министерството за надворешни работи во 17 часот.