Вкупно 24 лица побарале медицинска помош, а 26 се приведени откако денешниот протест на романските овчари пред зградата на Владата на плоштадот „Викторија“ во Букурешт ескалираше во сериозни судири со органите на редот, јавија локалните медиуми. Жандармеријата била принудена да употреби солзавец за да ја стави ситуацијата под контрола.
Според полицијата, меѓу повредените има и осум припадници на органите на редот. Приведените демонстранти се одведени во полициски станици за утврдување на идентитетот и документација за хулиганство, а против нив ќе бидат изречени и административни казни.
Првичните информации од букурешката жандармерија укажуваат дека меѓу демонстрантите имало агитатори и инфилтрирани лица кои ги предизвикале немирите. Уште на почетокот на протестот бил забележан маж со плакат за поддршка на Калин Ѓорѓеску, поранешниот десничарски кандидат за претседател на поништените избори во 2024 година, а подоцна дел од толпата го скандирала неговото име. На демонстрациите се приклучиле и поддржувачи на десничарските партии Алијанса за обединување на Романците (АУР) и СОС Романија.
Лидерот на АУР, Ѓорѓе Симион, преку Фејсбук ги предупреди демонстрантите да не подлегнуваат на провокации од инфилтрирани лица, додека од владината прес-служба соопштија дека на плоштадот во моментот на ескалацијата не се наоѓала ниту една од репрезентативните организации на овчарите.
Романскиот претседател Никушор Дан најостро ги осуди судирите и вандализмот.
„Никакво незадоволство не може да го оправда таквото однесување или загрозувањето на останатите граѓани. Подеднакво за осуда е и обидот на неодговорни политичари вештачки да ги ескалираат општествените тензии за да присвојат легитимен митинг“, порача Дан, повикувајќи на разум, одговорност и сопирање на говорот на омраза.
Премиерот во оставка Илие Боложан изјави дека ги зел предвид изнесените барања, додека Владата појасни дека дел од тие барања веќе биле разгледувани на шест претходни средби со претставниците на земјоделскиот сектор.




