Ирска на референдум одлучи да го измени строгиот закон за абортус во земјата. Портпаролот на кампањата против абортусот, Џон МекГурк го признал поразот. Според излезните анкети на весникот “Irish Times“ 68 отсто од гласачите на референдумот се изјасниле за измена на 8 амандман на ирскиот Устав кој стои зад еден од најстрогите закони за абортус на светот.
Сите анкети покажале дека за промена се најмладите гласачи, тие меѓу 18 и 24 години и жените. Нивниот процент изнесувал дури 87 отсто. И излезноста била неверојатно висока. Ирскиот премиер Лео Варадкар , чија влада го иницирала референдумот, преку Твитер не го криел воодушевувањето. „Се чини дека утре ќе пишуваме историја“, напишал тој во петокот, веднаш по дознавањето на првите неофицијални резултати.
Новиот закон би требало да го легализира абортусот во првите 12 недели од бременоста.
Досега абортусите беа забранети дури и во случај на силување, што резултирало со тоа 170.000 Иркињи да извршат абортус во странство од почетокот на осумдесетите години до денес. Се проценува дека тој број е многу поголем.
Ирската црква и натаму е против абортусот, но во текот на кампњата за референдумот се држеле прилично дискретно.