Протоереј Миле ТАЛЕСКИ
Очигледно дека „народов“ (го ставам во наводници затоа што секогаш кај поедици и помали групи има тенденција да зборуваат во име на народот) на Фејсов веќе започнале да вршат избор на епископи, а своите намери ги оправдуваат со ранохристијански практики кога народот ги бирал епископите, заборавајќи притоа дека, таа пракса светите Отци на Црквата со канони ја забраниле, а поради се почестиот факт дека наместо вистинските Христоносни и достојни луѓе, „народот“ избира недостојни.
Ова најчесто се случувало со подбуцнување и хушкање на толпата која што требало дури и неартикулирано, со многу викање и насилие, да ја истера својата желба, како што сега некои во име на „народ“ со протести се закануваат за терање на својата еднострана и неиздржана желба. Ова што сега се прави, секако е оркестрирано, зашто повеќе од очигледно е дека не е спонтано и невино, ме врати многу назад во Христовото време кога на народот му беше дадено да избере, имено, кога Пилат на „народот“ му понуди избор: Иисуса или Варава? – и народот го избра Варава.
На „народот“ не му беше гајле за Праведникот, за Кроткиот, тој, народот беше нахушкан да го избере разбојникот Варава. Верувам дека и светите Отци покрај горчливите примери од свое време, пред да донесат канони со кои го санкционирале изборот на епископи го имале во предвид и оној избор на Варава наместо Христос.
Што се однесува, пак, на изборот што го направил Архиепископот, отецот Георгиј когошто го познавам од дете, од школските години во Богословијата, и чијшто подвиг во учителската дејност не е ништо помал од било кое друго служење на Бога и на Црквата Божја, ќе речам, дека е најкроткиот меѓу кротките и најпобожниот меѓу побожните, а со Божја помош ќе биде и богомудар, ревносен и предобар пастир на стадото Христово. Тој е скапоцен бисер скриен во ковчеже на чијашто убавина и сјај сите ќе му се радуваме.
Нека му е честито замонашувањето и јеромонашкиот чин за коишто е достоен, и дај Боже, да ѝ се израдуваме и на неговата хиротонија и востоличување.
Да живееш и да долгоденствуваш отец Георгиј нов светилнику на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва.