Министерот за здравство, Беким Сали вечерва изјави дека протокол за лекување на болни од Ковид 19 во болниците има и тој е напишан уште при појавата на вуханскиот сој.
-Во изминатиот период кој е краток, напоменав дека протокол постои и има. Морам да бидам искрен и јас бев изненаден дека тој проткол е напишан уште кога се појавил вуханскиот сој, напишан во ноември или декември 2019 година. Тој протокол е обемен. Во изминатите две години тој претрпил одредени промени врз основа за новите соеви. Протоколот е напишан од доктори од Инфективна клиника и е расподелен и кон другите институции, рече Сали.
Според него, дел од докторите не се придржувале до нашиот протокол, туку преземале протоколи од други држави. Според министерот, тоа не е грешка.
-Жалам што одредени доктори или институции не го следеле овој протокол. Тие земале протоколи од соседни држави. Но, тоа не е грешка. Протокол има, но можеби сме мрзеливи да читаме протокол од 35 страници.
Вчера на Комисијата за заразни болести зборувавме како да направиме форма на протоколот кој може да биде достапен и јасен за јавноста. Бидејќи овој протокол е многу стручно напишан и нема да се разбере. Ако се објави во вакви стручна форма, може да дојде до злоупотреба и одредени поедници сами да се лекуваат, рече Сали.