Протопрезвитер Ивица ТОДОРОВ

Болниот бара излез, бара лек да се ослободи од болеста!
Сиромашниот бара излез, бара начин како да се ослободи од сиромаштијата! Оној кој е во било каква форма на ропство бара излез, бара сила која ќе го ослободи од ропството.

За да се најде излезот истот треба да се бара, да се има силна желба да се пронајде. Без да се има силна желба да се пронајде излезот, тој може да ни биде и пред очи, но, ако не го бараме, нема ни да го видиме.

Излез!

Целото човештво бара излез, бара лек да се ослободи од болеста и смртта!

Целото човештво бара излез, бара начин да ја засити гладната уста на сиромаштијата која незаситно предизвикува страв и неизвесност! Целото човештво бара сила која ќе го направи слободно, но неразбирајќи во што се состои вистинската слобода, тоа секојдневно тоне во најперфидни видови на ропство!

Излез!

Има ли излез за ова тажно, збунето, а и гревовно човештво? Има ли излез за овој сивоплачовен предел, некаде во аголот на космосот, наречен планета Земја?

Има излез, но само за оние кои имаат искрена и животоосмислувачка желба да го пронајдат.

Оние на кои површноста и безразличноста им го окупирала умот, гревот им ја збркал животната насока, а злото им ја умртвило душата. . . оние кои својот Творец не го почитуваат и од ближните свои срам немаат. . .таквите излез не бараат, тие со туѓа, сотонска мисла мислат дека илузијата на нивната нереалност е реална.

Излез!

А како изгледа излезот?

Тој е како граница. Имаш позади себе состојба која ја напушташ и состојба во која влегуваш. Болниот ја чувствува таа граница кога болеста исчезнува, а здравјето се раширува. Сиромашниот ја чувствува таа граница кога празниот џеб започнува да се полни со пари кои ја заменуваат сиромаштијата со имаштија. Робот ја чувствува таа граница во моментот кога ја остава зад себе состојбата во која не може да избира за себе, со состојбата кога самиот има слобода да избира за себе.

Духовно разбудениот човек ја чувствува таа ГРАНИЦА и убаво пред себе го гледа ИЗЛЕЗОТ кога ја напушта состојбата на постоење во која нема смисла и навлегува во состојбата на постоење во која има вечна животворна смисла!
„Јас сум ВРАТАТА“ – вели за себе нашиот Излез, нашиот Лекар, нашиот Ослободител и нашиот Осмислител Исус Христос – „кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“ – продолжува да говори Тој – „и ќе влезе и ќе излезе. . .“. (Јован. 10. 9)
Да, точно кажано „и ќе влезе и ќе излезе“ !

Секој оној кој ја минува границата помеѓу смртта и животот, помеѓу бессмислата и смислата, помеѓу злото и доброто тој излегува од една состојба и влегува во друга состојба на постоење.

Излезот и Влезот е самиот Христос! Вратата е самиот Христос! Границата е самиот Христос!

Излез? Да има ИЗЛЕЗ!