Конект верува во заедница на одговорни индивидуалци и бизниси. Затоа 10 години работиме на поддршка на паметното донирање и филантропијата. За Конект, донацијата е алатка преку која наместо санирање, заеднички наоѓаме решение на проблемите.

Секоја донација, макар и симболична, доколку е здружена може да постигне голем ефект. Затоа го создадовме Донаторскиот кружок. Тој претставува заедница на индивидуалните филантропи, нивните семејства и пријатели кои сакаат своите донации да ги насочат во граѓански организации кои се доверливи и ги решаваат проблемите на своите корисници.

„Донаторскиот кружок како модел е познат во светот и го работат многу организации, кои исто како Конект, се посветени на поттикнување на филантропијата и донирањето во своите земји и тој има токму таква цел – да им даде простор на оние граѓани коишто донираат или кои се чувствуваат како потенцијални донатори да се здружат и да ја споделат таа вредност која ја носат со себе и да ја вложат во заедницата. Луѓето кои ќе бидат дел од Донаторскиот кружок гледаат на своите донации како влог, како инвестиција во заедницата во којашто живеат, инвестиција во подобро утре, а Кружокот им дава можност да ја испланираат донацијата“, смета извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова.

За првиот Донаторски кружок грижливо ги одбравме организациите кои со години ни покажуваат дека со посветеност може да се заштитат, но и да се унапредуваат правата на повеќе категории на лица. Организациите кои ги одбравме се отчетни и транспарентни пред донаторите затоа што донирањето е највисок степен на доверба. Ова се нивните мисии: 

Отворете ги прозорците

Глувче адаптирано како молив, тастатура со големи копчиња како тетратка се алатките што  ќе им овозможат квалитетно образование и развој на децата со попреченост и на нивните врсници. Донирајте за повеќе деца  да имаат еднаква можност  учејќи  со помош на  асистивната технологија.

ХОПС

Дечињата од семејства со родители кои се корисници на дроги имаат исти желби и таленти како и нивните врсници. Некое од нив е добар фудбалер, а некое добро зборува англиски, но немаат еднакви можности затоа што се стигматизирани. Донирајте за поддршка на развојот на  дечињата од ранливите групи во ХОПС.

Вилсон Македонија

Раната дијагноза на ретката болест Вилсон и редовната терапија значат спречување на фаталните  последици и можност за нормален и квалитетен живот. Донирајте во Вилсон Македонија за да умеат да ја препознаат ова болест што повеќе лекари и студенти по медицина и да спасуваат животи.

Организациите сами ќе ја раскажат својата приказна пред донаторите кои ќе имаат можност  за интеракција со нив пред да се одлучат кому ќе му ги доделат средствата.

Првиот Донаторски кружок ќе се одржи в четврток во кафе-барот Брик бар со почеток од 19 часот.