Ниту едно лице во Хрватска кое е вакцинирано, не умрело од последици на корона вирусот, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за јавно здравство, пренесува Јутарњи лист.
Анализата е направена врз основа на податоците за сите вакцинирани до 10 мај, вкупно 882 120 лица, чиј статус е проверен три недели подоцна, односно на 1 јуни.
Од сите вакцинирани лица, по примената прва доза се заразиле 8 423 лица, што е нешто помалку од еден отсто од вакцинираните. По двојното вакцинирање, заразени се 1 146 лица.
Од тие кои биле вакцинирани со две дози, а се заразиле, 149 лица завршиле во болница, односно 13 отсто, а меѓу вакцинираните со една доза, во болница завршиле околу 9 отсто лица.
Ниту едно од овие лица не починало, шѕо упатува ан тоа дека вакцинирањето може нема да ве заштити од зараза, но ќе ве спаси од најлошото.
Мирослав Венус, претседател на Хрватското епидемиолошко друштво, објаснил дека може да се очекува дека помал дел од вакцинираните ќе се разболи, и дека тоа е случај со сите вакцини, но клучно е дека вакцините штитат од смрт, од тешки облици на болеста и од интензивна нега.
-Колку што знам, меѓу разболените кои биле вакцинирани со две дози, немало тешко болни, рекол Венус.
И епидемиологот Бранко Колариќ навел дека секогаш ќе има мал број лица кај кои нема да се развие адекватен одговор по вакцинирањето и кои ќе се разболат.
-Податоците на американскиот Центар за болести укажуваат дека 99,5 отсто од починатите биле невакцинирани. Тоа доволно зборува. Поголема е веројатноста да се загине ако седнете во автомобил, отколку да умрете ако примите две дози од вакцината.
Со оглед на тоа дека во Хрватска како членка на ЕУ не смее да се примаат руската и кинеските вакцини, податоците се однесуваат на АстраЗенека, Модерна и фајзер. Поради краткото време, нема, ниту може да има податоци за тоа какви се долгорочните евентуални последици од Фајзер и Модерна, ниту има податоци за појави на тромбови кај тие кои примиле АстраЗенека.