Во пресрет на Христовото воскресение – Велигден, премиерот Оливер Спасовски апелираше да се почитуваат мерките на Владата, да нема собири и најголемиот христијански празник верниците да го минат во кругот на семејството, а црковните лица најавуваат литургии со ограничен број на луѓе во црквите, а останатите да стојат надвор од храмовите на дефинираната раздалеченост едни од други и заштитени со маски и ракавици.
Премиерот Спасовски во порака на Фејсбук нагласи дека Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велиденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин и дека тие важат за секого.
– Сите граѓани и сите чинители во општеството мора да ги почитуваат мерките на Владата, а тие се јасни и недвосмислени. Забрането е движење на сите граѓани во назначените часови во работните денови, а таа забрана е целосна за периодот од петок 16 часот до вторник до 5 часот. Потсетувам дека е активна и забраната за групирање на граѓаните во групи поголеми од две лица, на јавни простори. Ова се активните ограничувања, одлуки и мерки и тие остануваат на сила и за време на велигденските празници. Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин. Тие важат за секого!, пишува Спасовски.
Тој посочува дека, навистина, денес поминуваме низ тешки искушенија и во однос на личните вредности и потреби и оти прв пат православните верници, наместо во храмовите, ќе треба да ги поминат Велигденските празници во своите домови.
– Четерисетдневниот велигденски пост ќе го завршиме со личен подвиг во кругот на нашето семејство и во нашите домови. Велигденските пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома. Преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме ЖИВОТ. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас – никој од нас нема право да загрози туѓ живот – а живот нема да загрозиме ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме вирусот кој му се закани на целото човештво. Народот и државата можат заедно да го спречат ширењето на вирусот, порача премиерот Спассвски.
Тој нагласи дека секоја од одлуките која се носат во овие услови е со цел да се помогне во заштита на здравјето и животот на граѓаните и колку и да се тие одлуки тешки одлуки, сепак се носат за да би дале најбрз можен ефект.
– Јас знам дека сега се моменти кога за ваков христијански празник луѓето имаат и духовна потреба да отидат во храмовите, но сега овој момент на зачувувањето на здравјето и животот на граѓаните и на спречувањето на ширењето на вирусот е исто така една голема одговорност што ја имаме сите пред нас, рече Спасовски, додавајќи дека сите анализи покажале дека доколку не се донесеше ваква одлука, многукратно ќе се зголемеше ризикот за ширење на вирусот.
Затоа, тој апелираше да се почитуваат мерките, да нема никакви собири и големиот христијански празник Велигден, да го поминеме во кругот на семејството.
– Честитките да си ги упатиме до нашите блиски преку телефоните. Секој од нас може своите молитви да си ги направи дома во кругот на семејството. Ова е моментот кога треба да покажеме и патриотизам и храброст, а храброст и патриотизам во овие услови е да се остане дома и да се почитуваат мерките на Владата, напиша премиерот на својот Фејсбук профил.
Со слични пораки излегоа и црковните лица, кои подготвија и посебна програма за празнувањето на Велигден во услови на вонредната состојба, која предвидува секојдневни литургии, но со ограничен број на верници, а останатите да стојат надвор од храмовите на дефинираната раздалеченост едни од други и заштитени со маски и ракавици.
Црковните лица велат дека се свесни за состојбата со пандемијата која го измачува целиот свет, како и нашата држава, па затоа оваа година празнувањето на спомен денот на Христовата крсна откупителна жртва и Неговото Воскресение ќе биде прилагодено во однос на реалноста со која се соочуваме.
Презвитер Бобан Митевски од црквата „Св. Николај Чудотворец“ во Аеродром вели не би можел да предвиди дали е можно да се собре многу народ во црквите и да се создаде турканица.
– Не би можел да предвидам. Но, луѓето како што имаат потреба да бидат во редовите пред маркетите и друго, тие се и духовно жедни и имаат потреба од Бога, од присуството во храмот. Да веруваме дисциплираноста и во имањето чувство кај нашиот народ за состојбата. Всушност, апелираме на тоа, вели тој.
Поради избегнување на масовно собирање, на богослужбите в недела и в понеделник ќе учествуваат само свештенослужителите. По богослужбите храмовите ќе бидат отворени за посета, поклонение, индивидуална молитва, принос.
При тоа црковните лица апелираат да се почитуваат мерките за ред и пристапување, да не се прави групирање на повеќе луѓе, да се задржува потребното растојание и верниците да носат средства за заштита.
Со слични предизвици се среќаваат и верниците и црквите што го чествуваат Велигден по Јулијанскиот календар во соседството.
Така, Црна Гора најави дека има намера да воведе забрана за јавни собири за време на велигденските празници.
Директорот на црногорската полиција Веселин Веловиќ најави дека полициските службеници ќе го контролираат почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот.
– Верските служби ќе бидат служени без присуство на верници, соопшти црногорската полициска управа на Твитер, додавајќи дека полицијата ќе санкционира какво било загрозување на здравјето на луѓето.
Српската православна црква бараше 60-часовен прекин на полицискиот час в недела за да им се овозможи на верниците да присуствуваат на неделната богослужба за Велигден, но Владата на Србија го отфрли ваквото барање.
Водечкиот српски епидемиолог Предраг Кон на вчерашната редовна конференција рече дека барањето на СПЦ претставува „негирање на се што Србија се обидува да направи за да ги спаси животите на луѓето“.