Гласањето за претседателските избори почнува со членовите на 31 избирачки одбор кои треба да го спроведат гласањето во странство. Тие денеска пред заминување во странство ќе гласаат во просториите на Државната изборна комисија (ДИК). Станува збор за 191 лице.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии во вторник, на 23 април, на ден пред седмите претседателски избори во земјата, од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.
Другите наши граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.
Покрај дијаспората, на 23 април, вторник, ден пред гласањето за претседателските избори, ќе гласаат и болните и изнемоштени лица и затворениците.
Гласање за парламентарните избори на 8 мај нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.
ДИК продолжува со организацијата на двојните избори. Се дистрибуира недоверливиот материјал, додека утре ќе започне дистрибуцијата на доверливиот материјал.
Фото: МИА архива