Замената на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата ќе бидат на товар на граѓаните.
Новите регистарски таблички се очекуваат да бидат издадени кон средината на мај, а патните документи кон крајот на годината.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција во медија центарот каде беше поставено новото име на државата рече дека до издавањето на новите регистарски таблички ќе се користат налепници со ознаката НМК кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи веднаш треба да ја започне постапката за набавка на новите патни документи така што првите документи со новото име се очекува да бидат издадени кон крајот на годината.
– Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со Договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамки на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената која е редовна за замена на патните исправи, појасни Бошњаковски.
Имињата на градовите како Македонска Каменица и Македонски Брод, како што рече Бошњаковски, ќе останат исти, додека институциите кои во своето име имаат македонска, македонско имаат рок од четири месеци да го променат името.
На граничните премини новото име ќе биде напишано на македонски, англиски и на јазикот кој го говорат 20 проценти од граѓаните во таа локална самоуправа.
Засега не се знае точно кога ќе биде поставено новото име на зградата на Владата, но тоа, како што вели Бошњаковски, треба да биде направено во рок од четири месеци, период во кој треба да се променат и таблите на институциите на централно и локално ниво.