Братучедот на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Трајче Заев сосе семејството се иселиле од државата. Неофицијално, како дестинација за почеток на новиот живот ја избрале Австрија и уште на стартот од оваа школска година децата биле испишани од училиште, објавува ТВ АЛФА.
Трајче Заев, освен по тоа што е братучед на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, на јавноста е познат и по низата скандали кои се поврзуват со неговото име. Минатата година, фирма во негова сопственост поради неплатено ДДВ во висина од 2 милиони евра се најде на листата топ десет најголеми должници на Управата за јавни приходи.
Пред три години пак името на Трајче Заев, се поврзуваше и со акцијата на ДЕА, во која беа запленети 200килограми канабис, вреден 800.000евра. Во акцијата беа уапсени командирот на прилепската полиција и личниот возач на Трајче Заев, Александар Ушликовски. Тогаш лидерот на СДСМ го правдаше својот братучед и демантираше било каква поврзаност со нивните фирми.
„Мојот братучед Трајче Заев имаше јавен коментар за ова. Јас разговарав со него. Лицето Александар, не му го знам презимето, не е вработен во семејните фирми на Заеви, ниту пак комбето е во сопственост на фирмите на Заеви“, изјави Зоран Заев на 12 април 2021.
Лани албанската телевизија “Ора“, објави дека Трајче Заев, со кодирани пораки се обидувал да спречи објавување на аудио разговори во кои имало докази дека државни функционери од СДСМ и ДУИ саботирале акции на странски агенции за сузбивање на шверц на марихуана. Единствена потврда за акција на странска агенција во нашата држава е онаа на ДЕА на Плетвар.
Инаку Трајче Заев, се прослави и со својот „мајбах„ од 300.000 евра кога го паркираше на пешачкин премин во Скопје, додека пазаруваше во „Хуго Бос“.