Првиот пакет санкции на Европската унија против Русија поради признавањето на сепаратистичките територии во Украина требаше да биде претставен попладнево во Париз, најавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Предложениот пакет вклучува мерки против оние кои се вклучени во „незаконската одлука“ и банките кои ги финансираат руските војни и други операции на териториите на Доњецк и Луганск.
Предложени се и мерки насочени кон способноста на руската држава и влада да пристапат до капиталот и финансиските пазари и услуги на ЕУ со цел да се ограничи финансирањето на „ескалациони и агресивни политики“ и мерки насочени кон трговијата меѓу двата сепаратистички региони и ЕУ, со цел „одговорните јасно да ги почувствуваат економските последици од нивните незаконски и агресивни дејствија“.
Санкциите ќе бидат претставени по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој започна денеска во 16 часот.
Претседателите на ЕК и на Европскиот совет во заедничко соопштение рекоа дека одлуката на Москва да ја признае независноста на сепаратистичките територии и да испрати војска е незаконски и неприфатлив потег што го нарушува меѓународното право, територијалниот интегритет и суверенитет на Русија и дополнително ја влошува кризата.
-Двајцата претседатели го поздравуваат силното единство на земјите-членки и нивната решеност да реагираат силно и брзо на незаконските дејствија на Русија во тесна соработка со меѓународните партнери“, се вели во соопштението.
ЕУ е подготвена да усвои дополнителни мерки подоцна, доколку тоа го бара дополнителниот развој на ситуацијата, и се додава дека ЕУ и натаму ќе ја поддржува Украина и нејзиниот народ.
Планот на санкции на ЕУ се насочени против 351 пратеник во рускиот парламент кои го поддржаа признавањето заедно со 11 лица кои го предложија; Банките кои ги финансираат руските воени и други операции во овие области; Способноста на руската држава и влада да пристапат до капиталот и финансиските пазари и услуги на ЕУ и против трговијата од двата отцепени региони кон и од ЕУ.
Сите 27 земји-членки на ЕУ мора да се согласат со овие санкции.