Во Велика Британија е покренато првото клиничко испитување во светот на вакцина којашто не треба да се чува во фрижидер. Успешен и одобрен медицински производ би можел значително да го зголеми пристапот до вакцинација во светот воопшто.
Вакцината против тетанус и дифтерија (СПВX-02) на британската биотехнолошка компанија „Стејблфарма“ е целосно стабилна на собна температура, соопшти компанијата. Првичното испитување на вакцината врз луѓе се одвива во Националниот институт за истражување на здравјето и негата (НИХР) при Центарот за клинички истражувања и во Универзитетската болница на Саутемптон, јужна Англија. Оттаму известуваат дека нивната напредна технологија би можела да овозможи производство и на 60 други вакцини.
Денес, можеби една од најголемите пречки за вакцинирање на луѓето во некои делови од светот е „студениот синџир“ потребен за вакцините коишто се чуваат ладни од производството до точката на инјектирање.
– Со години, вакцините беа попречени од потребата да се чуваат во фрижидер – предизвикувајќи бесконечни количини отпад и отежнувајќи го нивното доставување до оддалечените заедници. Но, благодарение на визијата на оваа Влада и нашата инвестиција преку НИХР, сѐ тоа би можело да се промени. Ние го предводиме овој процес со охрабрување на првото светско испитување на вакцина без ладење. Ова би можело да биде вистински пресвртница и спасување животи на светско ниво, изјави британскиот министер за здравство и социјална грижа, Вес Стритинг.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секоја година, до половина од вакцините – одат во отпад, главно поради недостаток на контрола на температурата и логистика потребна за непрекинат студен синџир. „Стејблфарма“, според наводите, покажа дека може да ги преобрази постојните одобрени вакцини во верзии што можат да се чуваат на собна температура подолго време.
Се очекува испитувањето да биде завршено ова лето, а резултатите да бидат објавени до крајот на годината. Во „Стејблфарма“ се надеваат дека новата вакцина ќе биде во употреба насекаде ширум светот до 2027 година.
Фото: МИА архива