Австралија првпат во историјата ќе има жена на чело на копнената војска, соопшти Владата, најавувајќи промени во раководството на одбранбените сили.

Генерал-мајор Сузан Којл, актуелна началничка за здружени способности, ќе ја преземе функцијата во јули, заменувајќи го генерал-мајор Сајмон Стјуарт.

Премиерот Ентони Албанезе изјави дека станува збор за историски момент во 125-годишното постоење на австралиската војска. Министерот за одбрана, Ричард Марлс, исто така го оцени именувањето како „длабоко историски момент“, нагласувајќи дека тоа ќе има значајно влијание врз жените во вооружените сили.

Којл, која има 55 години, ѝ се приклучила на војската во 1987 година и извршувала повеќе високи командни должности. Таа ќе биде првата жена на чело на гранка на австралиските вооружени сили. Жените сочинуваат околу 21 отсто од Австралиските одбранбени сили (АДФ) и 18,5 отсто од високите раководни позиции, а целта е нивното учество да достигне 25 отсто до 2030 година.

Во октомври беше поднесена колективна тужба против АДФ поради наводи за системско сексуално вознемирување, напади и дискриминација врз припадничките на војската.

Владата, исто така, го именуваше вицеадмиралот Марк Хамонд за началник на одбранбените сили на местото на адмиралот Дејвид Џонстон, додека контраадмиралот Метју Бакли ќе ја преземе функцијата началник на морнарицата.

фото: австралиски вооружени сили