Во СДСМ во тек е обид за пуч. Поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот избраник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, објави Плусинфо.
Порталот ги дозна деталите од пеколниот план на човекот којшто се повлече од кормилото на СДСМ, откако претходно ги изгуби локалните избори по своја вина.
„За несогласувањата меѓу Заев и Ковачевски, односно за обидите на Муртинецот да ја задржи контролата врз своите инсталации во партијата и во Владата, се шпекулира подолго време. Митингот на СДСМ во салата „Борис Трајковски“ на 17 декември покажа дека имало основа за таквите шпекулации. Иако поканет, Заев не се појави на овој настан. Се слушнаа и гласини дека тој своето отсуство не го оправдал, туку го искоментирал со дрски забелешки на сметка на својата партија“, пишува Плусинфо.
Во меѓувреме, се наведува натаму во текстот на Плусинфо, од кујните блиски до Заев се проширија шпекулации дека премиерот Ковачевски, во обид да формира двотретинско мнозинство во парламентот потребно за ветените измени на Уставот, наводно испланирал брза реконструкција на Владата и при тоа бил со намера да ги отстрани министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски. Тројцата се сметаат за луѓе блиски на Заев. По ова во кулоарите е лиферувана закана од Муртинецот дека седум пратеници на СДСМ, коишто тој наводно ги држи под контрола, би можеле да му откажат послушност на Ковачевски и да предизвикаат паѓање на Владата.
Со посредство на заеднички пријател, пред извесно време, во еден град во внатрешноста на земјата, дошло до средба меѓу Ковачевски и Заев. Плусинфо засега нема да открие детали од тој разговор. Но, очигледно е дека актуелниот и поранешниот лидер не успеале да најдат заеднички јазик. Затоа, на 21 декември, во седиштето на СДСМ на Бихаќка, се одржал состанок на најтесното партиско раководство, на кој Заев добил шанса пред своите сопартијци да ги изложи своите ставови за сегашната состојба во партијата и во земјата.
Целиот текст може да го прочитате на овој ЛИНК.