Каталонските пратеници, на кои им беше одземен имунитетот во Европскиот парламент денеска поради обвинението поднесено во Шпанија, најавија жалба до Европскиот суд во Луксембург, нагласувајќи дека „ова е тажен ден за Европскиот парламент”.
– Го изгубивме имунитетот, но Европскиот парламент изгуби уште повеќе, а следствено и европската демократија, изјави Карлес Пуџдемон на прес-конференција во Брисел. Тој им се заблагодари на сите пратеници кои „рекоа ‘не’ на репресијата врз политичките неистомисленици”.
Синоќа 404 пратеници гласаа со тајно гласање за укинување на имунитетот на Карлес Пуџдемон, Антонио Комин и Карли Понсати, – 247 против и 42 воздржани.
– Ова е очигледно политички прогон против нас, рече Пуџдемон.
Комин нагласи дека бројот на пратеници кои се спротивставиле на укинувањето на имунитетот зборува за недоверба во шпанското судство.
– ЕУ има проблем со демократијата во Шпанија, изјави тој на прес-конференција.