Австралија сака да се здружи со други земји со цел да изврши притисок врз ЕУ за испорака на планираните дози на вакцините против Ковид-19.

ЕУ минатата недела ја блокираше испораката на 250.000 дози вакцини на АстраЗенека од Италија во Австралија. Унијата тогаш првпат се повика на нова одредба за забрана на извоз на вакцини.

Австралискиот министер за трговија Дан Техан изјави дека таквата одлука претставува протекционизам и изрази загриженост дека ЕУ и во иднина би можела да ја спречи испораката. Тој најави соработка со Канада, Јапонија, Норвешка и Нов Зеланд, со цел да се принуди ЕУ да се предомисли.

– Колку повеќе вршиме колективен притисок врз нив, повеќе ќе разберат дека тоа што го прават е погрешно, нагласи Техан.

Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер пред неколку дена истакна дека „мерката е насочена кон компанијата која барала дозвола за извоз на вакцините, а не кон Австралија“.

– Како што докажавме досега, секоја компанија која ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ добива и дозвола за извоз на своите производи, објасни Мамер, додавајќи дека дури 92 држави се изземени од евентуална забрана за извоз бидејќи се дел од иницијативата Ковакс, а ЕУ досега одобрила извоз на големи количества на вакцини во други земји – од Аргентина, Чиле и Канада преку Јапонија до Јужна Кореја.

Засега не е познато што ќе се случи со дозите кои се наменети за Австралија, но портпаролот Мамер минатата недела истакна дека тие остануваат сопственост на АстраЗенека.

Австралискиот премиер Скот Морисон побара минатата недела од Брисел да ја разгледа својата одлука, иако сфаќа дека ЕУ е значително посилно погодена од пандемијата од Австралија.

Австралија досега регистрирала 290.000 случаи на зараза и 900 починати лица. Обезбедени се 53,8 милиони дози на вакцини на АстраЗенека, од кои 50 милиони ќе се произведат во земјата.