„Кина мора да престане да ја поддржува Русија и нејзината војна во Украина ако сака да има добри односи со Западот“, предупреди Јенс Столтенберт, генерален секретар на НАТО.

Како што пренесува порталот „Укринформ“, Столтенберг тврди дека Кина на Русија ѝ дава електроника и технологија за производство на ракети, дронови и други видови оружје.

Генералниот секретар на НАТО зборуваше во Брисел по повод дискусијата за иднината на алијансата на Самитот на младите:

„Војната во Украина покажа дека безбедноста не е регионално, туку глобално прашање. Главната земја што ѝ помага на Русија да ја продолжи својата агресија и војна против Украина во Европа е Кина. Тие се убедливо најголемиот трговски партнер на Русија. Кина ѝ дава на Русија со клучни компоненти за нејзиното оружје, микроелектрониката и напредна технологија што ѝ овозможува на Русија да произведува ракети, беспилотни летала и разни други оружја, што е клучно во војната против Украина“, рече Столтенберг.

Тој истакна дека покрај Кина, клучни партнери на Русија кои ѝ овозможуваат војна се Северна Кореја, која обезбедува муниција и оружје, и Иран, кој ја снабдува Русија со беспилотни летала:

„Затоа идејата дека можеме да ја одвоиме Азија од Европа повеќе не функционира. Ова е меѓусебно поврзано, а ние, се разбира, треба да се справиме со безбедносните предизвици што Кина ги претставува за нашата безбедност“, додаде Столтенберг.

Според него, НАТО има околу 40 партнерски земји ширум светот, додека четири од нив – Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд – се наоѓаат во индо-пацифичкиот регион. Според генералниот секретар, ова партнерство е од особено значење за НАТО.

Столтенберг нагласи дека Алијансата била и ќе остане регионален одбранбен сојуз на Северна Америка и Европа, а членот за колективна одбрана ќе се однесува на заштитата на сојузниците во Европа и Северна Америка. Во исто време, целата оваа северноатлантска област се соочува со глобални закани – во сајбер, вселенски и други домени.

„Не се работи за преместување на НАТО во Индо-Пацификот, туку за Кина и глобалните закани што ни се отвораат. Ја гледаме Кина во сајбер просторот, ги гледаме во Африка, ги гледаме на Арктикот, ги гледаме како се обидуваат да ја контролираат критичната инфраструктура во нашите земји. Значи, сето тоа е важно за нашата безбедност на многу начини“, заклучил Столтенберг.