Физичка пресметка се случила денеска во грузискиот Парламент на пленарната седница пред почетокот на гласањето на законот „за странски агенти“.

Физичка пресметка се случила денеска во грузискиот Парламент на пленарната седница пред почетокот на гласањето на законот „за странски агенти“, кога членовите на парламентарното мнозинство физички го нападнаа пратеникот од опозицијата Леван Кабеишвили откако тој изјави дека власта ѝ ја „продава“ Грузија на Русија.

Седницата продолжила и по тепачката, пренесува Интерфакс.

Правната комисија на Собранието вчера го усвои предлог-законот без учество на опозицијата, додека во близина на зградата беа уапсени 20 демонстранти кои протестираа против законот.

Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“, со кој се предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да бидат регистрирани како „застапници на странски интереси“.

Ваквиот закон минатата година беше откажан поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија „Грузиски сон“ предложи речиси идентичен закон, со промената наместо терминот „застапник за странски интереси“ да се стави терминот „организација што работи за странски интереси“.

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, додека претставниците на Европската унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ.

Грузиското Министерство за надворешни работи на 2 мај потврди дека премиерот Иракли Кобахидзе одбил да ги посети САД, откако американската страна поставила услов да ги прекине дискусиите за нацрт-законот.