Најмалку 47 лица загинаа во кенискиот град Солај, кога по повеќенеделни обилни врнежи на дожд пукна брана, соопшти попладнево шефот на локалната полиција, Џафет Киоко.
– Досега е потврдена смртта на 47 лица. Се уште сме на терен, нагласи Киоко.
Тој додаде дека се стравува оти конечниот биланс на жртвите би можел да биде многу поголем, бидејќи и натаму се излекуваат тела од калта.
Браната пукна синоќа во Солај во областа Накуру, на 190 километри северозападно од Најроби. При налетот на водата се уништени стотици куќи, а околу 2.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
– Водата предизвика огромни разурнувања кога се во прашање човечките животи и имоти. Обемот на штетата се уште се проценува- изјави гувернерот на Накуру, Ли Кињаџуи.
Кенискиот Црвен крст и службата за вонредни ситуации досега спасиле околу 40 лица и ги префрлиле во болница.
Во поплави што ја зафатија Кенија во текот на март загинаа 132 лица, а над 220.000 беа принудени да ги напуштат своите домови.