Вкупно 13,6 отсто од ученици од седмо до деветто одделение, на возраст од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ. Вкупно 12,3 проценти моментно користат тутун. 5,3 проценти моментно пушат цигари. 4,9 проценти од учениците моментно користат тутунски производи што се загреваат (5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња).

Вкупно 3,6 отсто моментно користат тутун што не се пуши. Од учениците, девет проценти моментно користат електронски цигари – 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња. Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминативе 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти – соопшти д-р Сања Прошева од Институтот за јавно здравје.

Овие бројки денеска беа соошшти на прес-конференција во Министерството за здравство каде што беа презентирани резултатите од истражувањето спроведено во 75 училишта во Македонија во 2024 година и биле опфатени 4.670 ученици.

Министерот за здравство Азир Алиу појасни дека истражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО). На темата се обратија министерот за здравство, Азир Алиу, претставникот на Светската здравствена организација и шеф на канцеларијата на СЗО во земјата, Аким Али, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска, и д-р Сања Прошева од ИЈЗ.

Податоците од истражувањето покажуваат дека 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментно користат некаков тутунски производ и тоа е највисока преваленција досега регистрирана – истакна министерот.

Вкупно девет отсто од нив користат електронски цигари, а според податоците што ги сподели министерот, тоа е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година.

Дополнително, загрижувачки се податоците дека дури 57 отсто од младите биле изложени на тутунски чад во домот, а 55,4 проценти биле изложени на чад во затворени јавни простори. Во однос на достапноста на тутунските производи, ова истражување покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Она што е важно за нас како креатори на здравствените политики е дека огромен дел од испитаните ученици ја поддржуваат мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори. Вкупно 86,9 проценти од испитаниците ја поддржуваат оваа мерка – истакна Алиу.

Токму затоа, посочи Алиу, новиот предлог-закон за заштита од пушење се носи како закон за новите генерации, со порака упатена до младите дека државата, конечно, застанува на нивна страна. Суштинската цел е денормализација на пушењето, истакна министерот, а тоа ќе се постигнело преку четирите столба на законот.

Прво, целосна заштита од пасивно пушење. Без чад и без аеросол во затворени и работни простории. Заштитата важи и за аеросолите од електронските цигари, чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана. Второ, намалување на привлечноста. Забрануваме продажба на производи што содржат карактеристични ароми, што создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект поинаков од природниот тутунски профил. Овошни, слатки, ментолни и други вкусови што ја маскираат штетноста и го олеснуваат првото пробување – повеќе нема да бидат дозволени. Трето, ограничување на маркетингот и на изложувањето. Ќе се стави крај на таргетирањето на младите преку социјалните мрежи, инфлуенсерите, игрите и дигиталните платформи. Тутунските и никотинските производи повеќе нема да бидат јавно изложени, туку во затворени ормани. Четврто, ограничување на достапноста и засилена контрола на продажбата на малолетници – додаде Алиу.

Претставникот на СЗО, Али, рече дека пушењето не е добро за здравјето на младите и оти зависноста не треба да се почувствува уште на мала возраст. Тој се осврна на тоа дека родителите кога ги праќаат своите деца на училиште, очекуваат здрава и чиста средина, а некои биле подложени на тутун во училиштата.

Али истакна дека со новиот закон се заштитуваат непушачите, особено децата.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Андоновска, рече дека никотинските производи земаат сè поголем замав. Таа додаде дека овие истражувања мора да го видат светлото на денот. Се прават, како што појасни, за врз нив да се креираат политики што ќе водат до унапредување на јавното здравје на сите.