Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска ја обвини Канада дека доцнела со враќањето на германската турбина за гасоводот Северен поток 1, надевајќи се дека ќе ги продаде сопствените енергенси во Европа.
– Еден мотор требаше да се поправи. Канада не го врати поради санкциите кон Гаспром, иако (поправките беа направени) во фабриката Сименс. Ќе ви кажам зошто Канада го направи тоа. Тоа е затоа што исто така произведува нафта и гас и планира да влезе на европскиот пазар, истакна Путин.
Турбината на компанијата Сименс, што беше испратена на ремонт во Канада, е неопходна за снабдување на Германија и Европа со руски гас. Канада ја врати поправената турбина во Германија, но неизвесно е кога истата ќе биде испратена во Русија.
Гасоводот Северен поток 1 во моментов не работи поради десетдневен ремонт што треба да заврши утре. Сепак, европските земји стравуваат дека Москва би можела да го земе техничкото прашање како изговор да не продолжи со испораките, а со тоа да изврши притисок врз нив во контекст на конфликтот во Украина.
Пред да биде запрен Северен поток 1 поради ремонт, Русија веќе значително ги намали испораките во изминатите недели, оправдувајќи го тоа со недостатокот на турбината на Сименс.