Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека организирањето на Светското првенство помогнало да се разбијат одредени стереотипи за неговата земја.

Путин на состанокот со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наведе дека речиси сите навивачи, иако во некои западни земји имало загриженост поради безбедноста, го оцениле своето искуство во Русија како позитивно.

– Луѓето увидоа дека Русија е добар домаќин и дека е пријателски настроена кон сите кои доаѓаат овде. Сигурен сум повеќето ќе заминат од Русија со убави сеќавања и дека повторно ќе се вратат во нашата земја, истакна рускиот претседател.

Тој додаде дека луѓето се увериле дека предрасудите за Русија не се точни, а московските улици изминативе седмици се преплавени од туристи.

– Ме информираат дека гостите и полицајците во Москва се насмевнуваат. Ако некој праша за информација сите пријателски им излегуваат во пресрет и тоа е прекрасно. Тоа е всушност сликата за вистинската Русија, новата слика која сите ние ја видовме, истакна првиот човек на ФИФА на состанокот со Путин.

Мундијалот започна на 14 јуни и досега се нема случено ниту еден сериозен инцидент во поглед на безбедноста.