Русија била и ќе биде суверена независна држава. Или ќе биде таква или воопшто нема да постои, порача денеска рускиот претседател Владимир Путин во своето годишно обраќање пред Федералното собрание.
– Русија не може да биде држава ако не е суверена. Некои земји тоа го можат, но Русија не. Тоа е аксиом, истакна Путин.
Тој изјави и дека Русија нема намера да распоредува ракети во Европа, но доколку Америка го направи тоа, Москва ќе го сфати како закана. Во тој случај, објасни Путин, Русија ќе биде принудена да распореди оружје, со цел да може да гаѓа не само територии каде што се поставени ракетни системи, туку и територии каде што се наоѓаат центри за донесување такви одлуки.
Рускиот претседател нагласи дека „антируската политика не одговара на интересите на САД“ и им предложи на американските партнери да го пресметаат дострелот и брзината на рускиот систем за вооружување, па врз основа на тоа да донесуваат одлуки.
Тој додаде дека Русија е подготвена за дијалог, но нема веќе да тропа на затворена врата.
– Русија треба да се зачува како цивилизација врз основа на многувековните традиции и вредности. Потребно е да се обединиме и свесно да направиме избор во полза на солидарниот развој на Русија, изјави Путин во својот говор.
Зборувајќи за повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарни ракети со мал и среден дострел, тој потенцира дека од моментот на потпишувањето на овој договор до денес многу земји работеле на развој на такво оружје, а Вашингтон и Русија не.
Рускиот претседател претстави денеска и нови видови на оружје, а најголемо внимание посвети на хиперсоничната ракета „Циркон“, која може да се движи со брзина од девет маха. Тој, исто така, истакна дека е започнато и сериско производство на системите „Авангард“ и „Сармата“.
Меѓу другото, Путин во своето годишно обраќање нагласи и дека првпат во историјата резервите на Русија целосно го покриваат надворешниот државен и трговски долг.
Говорот на Путин заврши со зборовите дека консолидирањето на општеството, но и сигурноста во своите можности, ќе биде главен услов за успех на земјата.
– Русија сигурно ќе го гарантира сопствениот успех, заклучи шефот на руската држава.
Годинешното обраќање на Путин траеше еден час и 27 минути, а најмалку 33 пати беше прекинувано со аплаузи од присутните.