Рускиот претседател Владимир Путин в понеделник ќе отпатува за Белорусија, која е сојузник на Русија во конфликтот во Украина, соопшти денеска прес-службата на белорускиот претседател.
Путин за време на работната посета на Белорусија во Минск ќе разговара со својот домаќин, колегата Александар Лукашенко, се наведува во соопштението.
Разговорите ќе се однесуваат на руско-белоруската интеграција, бидејќи двете земји имаат склучено повеќе договори за соработка на економски и воен план.
– Претседателите ќе дадат приоритет и на безбедносните прашања и ќе разменат мислења за ситуацијата во регионот и во светот, се додава во соопштението, во кое не се споменува конфликтот во Украина.
Белорусија им служи на руските војници како заднинска база за офанзивата во Украина, што почна на 24 февруари, но белоруската армија досега не учествуваше во борбите.
Во средината на октомври, Белорусија и Русија најавија формирање на заеднички воени сили, кои, според Минск, ќе бидат исклучиво одбранбени.