Претседателското обраќање до нацијата за состојбата во државата првпат се одржува на почеток на година, со цел да се забрза решавањето на големите социјални, економски и технолошки проблеми со кои се соочува земјата, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин пред пратениците во федералниот Парламент.
Тој потсети дека содржината и мерилата на тие задачи се одразуваат врз националните проекти, чија примена ќе бара нов квалитет на управување со државата, работата на владата и сите нивоа на власт, како и директен дијалог со луѓето.
Нагласи дека сега во општеството е јасно дефинирано барањето за промена.
Според него, луѓето сакаат да видат развој и да напредуваат во професионалниот живот, добивањето знаење и достигнување просперитет, но подготвени се да преземат одговорност за конкретни задачи.
Путин изрази незадоволство од наталитетот во Русија.
– Во Русија денес живеат речиси 147 милиони луѓе, но земјата се наоѓа во многу тежок демографски период, бидејќи стапката на наталитет повторно се намалува, предупреди рускиот претседател.
Путин нагласи дека, според прелиминарните проценки, вкупната стапка на наталитетот во 2019 година изнесувала 1,5 и порача дека тоа не е доволно. Тој оцени дека ниските приходи на повеќето домаќинства со деца претставуваат директна закана за демографската иднина на Русија.