Рускиот претседател Владимир Путин учествуваше на пленарната сесија на Источниот економски форум кој беше насловен „На пат кон мултиполарен свет“.

– Мислам на санкциите на Западот, неговите нескриени, агресивни обиди се со цел да им наметне модели на однесување на другите земји, да им го одземе суверенитетот и да ги потчини на нивната волја, нагласи Путин.

Тој посебно внимание посвети на Договорот за храна за кој смета дека не е доследно почитуван. Според него договорот од Истанбул склучен ова лето не им помага на земјите во развој и не ги постигнува зацртаните цели – речиси целата храна што ја извезува Украина во нејзините рамки оди во Европа, а не во земјите на кои им е потребна.

– Ако ја исклучиме Турција како земја посредник, тогаш целото, речиси целото жито што се извезува од Украина не се испраќа во земјите во развој и најсиромашните, туку во земјите на ЕУ, рече Путин.

Рускиот претседател констатираше дека само 3 отсто од украинската храна била испратена за земјите во развој, додека сета останата завршила во земјите членки на ЕУ, со што, како што рече, Западот прекрши уште еден договор.

– Според Светската програма за храна на ООН, која вклучува најмногу помош за сиромашните земји, беа испратени само два брода со храна. Дозволете ми да нагласам, само два брода од вкупно 87 завршија во сиромашните земји. Додека тие вкупно пренесоа 60.000 тони храна. Ова е само 3 отсто од вкупната храна испратена за земјите во развој, нагласи Путин.

Ваквата политика на европските земји Путин ја нарече продолжување на нивното колонијално минато.

Путин истакна дека зголемувањето на цените на светските пазари може да биде вистинска трагедија за повеќето од најсиромашните земји. Така, според ООН, ако во 2019 година 135 милиони луѓе во светот доживеале акутен недостиг на храна, сега нивниот број е искачен на 345 милиони.