Рускиот претседател Владимир Путин во последен момент одлучи да замине во Мариупол, украинскиот град уништен со бомбардирање, соопшти денеска Кремљ, додека украинските власти ја осудија посетата на рускиот лидер кого го нарекоа „меѓународен злосторник“.
„Сето тоа беше многу спонтано“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека не била планирана ниту обиколка на градот, ниту посета на локалниот музички театар, ниту средба со жителите на овој пристанишен град.
Властите на Мариупол ја осудија посетата на рускиот претседател.
„Меѓународниот злосторник Путин ноќеска го посети окупираниот град Мариупол, веројатно за да не го види градот убиен од неговото ‘ослободување’ во текот на денот“, соопштија градските власти на Телеграм.
Ова е прво патување на рускиот претседател во украинскиот град, кој со месеци беше под опсада и заземен од руските сили во мај 2022 година.
Како што беше најавено претходно утринава од Кремљ, Путин со хеликоптер отпатува за Мариупол и го обиколи градот со автомобил, кој сам го возел.
Путин разговарал со жителите на Мариупол и му беше презентиран извештај за работите на обновата на овој уништен пристанишен град на Азовското Море.
Тој вчера беше во ненадејна посета на Крим по повод 9-годишнината од анексијата на полуостровот, кој Русија го анектираше во 2014 година