Обвиненијата за шпионажа, кои Западот ги упатува кон Русија, особено во врска со труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија, се изговор за да се „запре развојот“ на Федерацијата, изјави рускиот претседател Владимир Путин на традиционалната годишна прес-конференција.
– Ако не беше Скрипал, тие ќе измислеа нешто друго. Целта е едноставна: да се запре развојот на Русија како можен конкурент, рече рускиот претседател.
– Тоа е политизиран, русофобски пристап, рече тој.
Според Путин, руската државјанка Марија Бутина, која е уапсена во САД, не извршувала никакви задачи за руската држава.
– Ова одговорно го изјавувам, што и да раскажува таа под закана да лежи 12 до 15 години, истакна Путин.
Претходно овој месец Бутина се изјасни за виновна пред американски суд, откако се договори со обвинителството за да си ја намали пресудата. Таа го прифати обвинението дека работела заедно со висок руски функционер со цел да влезе во влијателната американска Национална асоцијација на сопственици на огнено оружје, преку која требало да воспостави контакти со конзервативни активисти и политичари како агент на Москва.
Владимир Путин ја исклучи можноста Русија да апси странски државјани како одговор на апсењата на Руси во странство.
– Ако некој ги нарушува руските закони, независно од неговата етничка и државна припадност, ќе реагираме на тоа. Нема да апсиме невини луѓе, само за да ги размениме за некого, рече рускиот претседател.