Министерот за правда Јетон Шасивари одржа работна средба со претставници на Проектот на Европската Унија за владеење на правото, на која беа разгледани досегашната соработка и договорени идните активности за поддршка на реформите во правосудството.
Во изминатиот период, како што соопшти Министерството за правда, проектот обезбеди значајна експертска и финансиска поддршка во клучни реформски процеси, меѓу кои и подготовката на законите за Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет и Законот за судовите, како и во работата на Советот за следење на реформите во правосудството.
– Подготвени се и анализи и документи согласно европските стандарди, а организирани се работни сесии, јавни расправи и работилници. Обезбедена е и поддршка во спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024–2028 и Акцискиот план – стои во соопштението.

На средбата било договорено заедничките активности дополнително да се интензивираат, со фокус на зајакнување на европскиот дух преку исполнување на обврските од процесот на европската интеграција, со цел создавање модерно, ефикасно, транспарентно и независно правосудство.




