Најмалку 16 полицајци се уапсени денеска во БиХ во рамки на истрагата за корупција во полициските структури, потврди Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојската жупанија.
Во рација извршена врз основа на судски наредби, приведени се полициски службеници кои биле на должност во градот Какањ, кај Зеница.
Евледин Фишек, портпарол на Министерството, потврди за локалните медиуми дека истрагата опфатила вкупно 20 лица, од кои 16 се полицајци. Во рацијата беа претресени дваесетина објекти што ги користеа осомничените, меѓу кои и полициската станица во Какањ.
Фишек потврдил дека еден осомничен е во бегство и се трага по него.
Приведените се товарат за здружување поради сторени кривични дела, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп, како и за поврзување или директно учество во трговија со дрога.
Во акцијата за апсење беа вклучени и членови на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), а сите уапсени ќе бидат предадени на окружното обвинителство за понатамошна истрага.