Бугарскиот претседателот Румен Радев вчера во Брисел изјави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, додека во исто време од Варшава полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау порача дека за Полска нема дилема оти земјава заслужува да почне преговори со ЕУ.
Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата, истакна дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за европскиот пат и почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но дијалогот на највисоко работно ниво меѓу Софија и Скопје треба да продолжи што е можно поскоро.
– Јас многу јасно ја искажав бугарската позиција. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на РС Македонија и Албанија. Бугарија е најголемиот пријател на РС Македонија, но патот до нивната европска перспектива поминува претежно низ Софија и ова треба да биде јасно, изјави Радев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Унијата.
Според бугарскиот претседател, политичкото раководство на земјава „треба да се стимулира да бара дијалог“ со Бугарија.
– Да, поддршката на ЕУ е важна, но најважна е поддршката на Бугарија, а за да се случи тоа, треба да седнеме мирно и искрено на масата и да ги прецизираме сите проблеми меѓу нас и како да бидат решени. Ние сакаме да видиме одржлив и неповратен процес, а не само декларации, додаде Радев.
Во исто време, новиот бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев најави дека негов прв приоритет ќе биде враќање на довербата и интензивирање на билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Македонија.
– Ние сме отворени за дијалог. Она што е потребно е постојаност, конструктивен став во дијалогот и можам да кажам дека целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во воспоставувањето на довербата меѓу двете земји, рече Стоев.
Тој истака дека бугарската политика кон Македонија е доследна и оти предлагаат продлабочување и рестартирање на дијалогот и тоа да биде од двонасочна перспектива.
– Се работи на враќање на темата во нормалните европски формати, каде треба да се разгледаат тие прашања меѓу државите членки на Европската Унија и каде што ќе се дадат гаранции на Бугарија, дека тоа што е договорено на билатерална основа, ќе се исполнува и во иднина. Тој мониторинг од страна на ЕУ е гаранцијата дека билатералните договори што се потпишани и кои претстои да бидат потпишани, ќе бидат исполнувани. Тоа е тактиката, стратегијата. Ние очекуваме конструктивен дијалог од страна на РС Македонија, рече Стоев, која нави дека еден од неговите заменици, Румен Александров ќе работи на приоритетите во областа на договорните односи и рамката за преговори со земјава и процесот на проширување на Европската унија.
Шефот на полската дипломатија Рау, пак, на средба со министерот Бујар Османи ја реафирмираше цврстата поддршка на Полска за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни годинава.
– Полска цврсто стои на ставот дека процесот на пристапување мора да биде радикално забрзан и ние мораме што е можно побрзо, а најдобро оваа година да ги отвориме првите поглавја со Северна Македонија и потоа ритмички да ги затвараме. Ние сме под позитивен впечаток за реформскиот процес на Владата во РС Македонија кои го приспособуваат политичкиот и општествениот систем на земјата кон стандардите на ЕУ, како и за обемот на транспортирање на законодавството со ЕУ во системот на земјата, кој е импресивен, истакна Рау.
Тој нагласи дека во дискусијата за проширувањето на ЕУ со држабите од Западен Балкан, а во тие рамки и на Македонија, Полска е во првите редови на поддржувачи за пристап на земјава.
Османи, од своја страна, изјави дека земјава продолжува да работи со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мултисекторска соработка и надминување на постоечките разлики со Бугарија.
– Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно, истакна Османи.
Претходно Османи во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека патот на земјава кон Европската Унија поминува низ Бугарија без чие одобрување на можат да почнат пристапните преговори, но и оти Софија не треба да ја пропушти оваа шанса ако сака стабилен Балкан.
– Вистина е дека патот на С. Македонија поминува низ Софија. Одлуката се носи со консензус. Без одобрување на Бугарија не може да има одлука. Ние можеме само да сонуваме дека оваа одлука ќе биде донесена без одобрувањето на Бугарија. Тоа не може да се случи и затоа се залагаме да ги убедиме пријателите од бугарската страна дека Договорот кој го изградивме има добра основа за градење на нашите односи и за надминување на разликите. Тие имаат потреба од дополнителна гаранција дека ние нема да бегаме од договорот, рече Османи.
Сепак, според него, Бугарија не треба да ја пропушти шансата на јунскиот самит на ЕУ да и се одобри на земјава да ги почне преговорите за членство, доколку сака стабилен Балкан.
– Имам чувство дека регионот доаѓа до критичка точка, кога се губи довербата дека ќе се зачлени во Европската Унија. Во моментот кога ќе се постигне оваа точка, верувајте дека ќе биде проблем, ќе се отвораат многу теми кои се затворени за европската перспектива, уште од 2003 кога во Солун се носи одлука дека еден ден Балканот ќе се зачлени во ЕУ, тоа стана силно движење за регионот. Затоа Бугарија мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан, посочи Османи.