Со години го поканувам претседателот на Македонија во Бугарија. Ја поканувам, секако“, рекол бугарскиот претседател на прашањето дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија.
Позитивен знак е што претседателката на Македонија покажала желба за средба – изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим. Радев и Сиљановска-Давкова во моментов се во Италија на аудиенција кај Папата Франциск во пресрет на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
„Со години го поканувам претседателот на С Македонија во Бугарија. Ја поканувам, секако“, рекол Радев во Рим.
Поради набиената агенда, како што изјави Радев, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Македонија во Рим, но рече дека очекува таква средба да се одржи наскоро.
„Желбата на PCM за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“, изјавил Радев.
Радев, како што пренесува БТА, порачал дека Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ. Очекувањата на Бугарија и пораката до македонската претседателка, како што рекол, е промена на реториката и крај на јазикот на омразата.
Претходно денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во моментов како и Радев престојува во Рим, рече дека не дошло до заедничка средба со бугарскиот претседател поради неусогласеност на агендите. Подготвеност за средба имало и од двете страни, но останало таа да биде планирана за некоја наредна пригода.